Две и шеснаеста ќе ја паметиме по политичкиот театар, по евтината гротеска, по комедијата дел арте под проѕирни маски.

Ќе ја паметиме и по поделената публика која во тотална екстаза си ја глорифицираше својата страна низ класично условени овации, истренирани по рецептот на чичко Иван Павлов и неговите славни џуќели.

Ќе ја паметиме и по лошите дидаскалии, за чии исполнети загради се заслужни нашите ПиАр експерти, па така говорите на политичариите изгледаа како меш-ап од Чаушески и Телетабиси, како бурлеските за Хитлер од Господин Господин Чаплин и како одличен матерјал за некое америчко шоу со домашни-смешни видеа.

Ќе ја паметиме по абсурдот пред кои Бекет и Јонеско би клекнале како Лазар Бараков пред Ѓорѓи Колозов. Чекајќи го Годо, ни се иселија и Носорозите.

Но, оваа анти-драма прецизно се играше по ортодоксните внатрешни елементи:

*Експозиција: вовед и мотиви у дејството беа сиромаштијата, неправдата, гологазијата, култот на дволичноста, ладносендвичните спонтани контра-протести и новите субвенционирани песни на Канго и Свилви Бенд.

*Заплет: бомбоњерите на Заев, кои наводно ја разголија вистината како грда стриптизерка закачена на крек.

*Кулминација: започнаа протести, започнаа контра-протести, започнаа контра-протести на контра-протестите, луѓе на улица, тешка пичка материна, комшија на комшија дпмнеовец, комшија на комшија комуњар, таратор со киви, безалкохолно пиво, посен бурек.

*Перипетија: ќе има избори. Медиумите почнаа пропагандно да си ги најавуваат, додека народот во улога на Цар Едип (шо си ебал матер), збунето ги слушаше како гласникот кога ја донел веста за татко му. Но ветуваа крај на кризата, ново Сонце на слободата, финансиска ренесанса и други научно-фантастични моменти.

*Расплет: ногу брзаме, полека малце.

Наместо расплет, го имаме финалниот дуел за Две и шеснаеста, меѓу другарот Исус и чичко Дедо Мраз. Дуелот се одвиваше во еден Витлеемско-Лапонски амбиент, во позадина свиреа амбиентални верзии од Византиски хорови и од ‘Санта Клоз из каминг ту таун’, Исус ги претвори чашите вода во вино, Дедо Мраз делеше паќетчиња со коноп и амфетамин за сите послушни дечиња, Исус поентираше со славната ”Прости му Боже, поднапиен е”, на што Дедо Мраз врати со ”Хо, Хо, Хо и две-три Ох”

Емисијата ја затвори Дедо Мраз со зборовите:

”Исусе, цела емисија седеме, зашо малце да НЕ ПОСТОЕМЕ!!!”