Страшно е да прашаш гласно: ,, кој е капетанот на бродот кој  сите овие години стои во место! ‘’.
Закотвен покрај пристаништето, овој брод со децении не се помрднал ниту милиметар. Ако прошеташ по палубите ќе забележиш дека тензијата е голема, но најголема е пасивноста и скептицизмот. Мора да има одговорни, некој мора да е виновен затоа што бродот не се движи а сите патници се на број.
Тешко се стига до капетанот од сето тоа топовско месо  кое во своите умови не е доволно будно за да ја сфати функцијата на Бродот.

Тие патници се чувствуваат безбедно на бродот и оптимистички затоа што некој од соседните бродови можеби ќе потоне за година, две.
Не верувам во  бродот во кои патниците се тешат дека некаде на друго место е страшно, наместо да земат пример од бродовите кои за година, две ја обиколиле целата земјина топка.
Можеби е олеснителен фактот што бродскиот труп не е на дното, но бродот  постои за да плови а не за да опстои на морската површина.
Во моменти на очај, размислуваш дека е подобро да потоне целиот брод некаде во морскиот шир, наместо вечно да стагнира покрај пристаништето.
Потребно е движење, стоењето во место е возможно и на пристаништето. И тоа стои над морската површина.

Нема повеќе чамци за спасување! Преку ноќ исчезнуваат цели семејства, другите им маваат со шамивче од палубата. Тие пловат, тие се движат.

Предавници – во очите на оние кои слепо се залепени за бродскиот труп.

Сите овие луѓе на одреден број на години имаат можност да го променат екипажот.  Најчесто се врти сѐ околу  истите луѓе, сите овие години. Така изборот одамна го променил своето значење.
Очите ќе си ги ослепат од прстите кои си ги вперуваат еден кон друг.
Едните се борат да остане нивниот капетан, другите сакаат промена на лошата координација на досегашниот екипаж.

Страшното е што со промената на екипажот (кога таа се случува, а се случува ретко) се менува најчесто само знамето на јарболот и бојата на бродскиот труп. Резултатот останува ист, само екипите ги менуваат страните.
Капетанот е повторно неспособен лидер, членовите во кујната се лоши готвачи, бродскиот под го валкаат наместо  да го чистат членовите задолжени за хигиената. Топовското месо ја има честа да ти тегне јажињата на јарболот за светиот им симбол да се вивне на небо.

Претходните беа  такви, сегашните се, најверојатно и следните ќе бидат.

Се додека едните владеат да ги покорат другите, а покорените чекаат да започнат да владеат за да се одмаздат, бродот никогаш нема да започне да се движи.  Народот е оној кој најмногу трпи (барем оној дел од народот, кој  е буден во оваа игра)  затоа што народот плаќа, подот да биде чист, храната вкусна и бродот да се движи. Но додека одреден број од народот на бродот не сфати дека се работи за бродот да започне да плови и слепо навива за својот екипаж, еволуцијата е невозможна, царува само квази револуцијата, која не успева да промени ништо.
Повторно на чело на бродот е капетан кој прв би побегнал ако настане проблем.
Ми рекоа дека за секоја критика на проблемот треба да има и решение за истиот.
Решението е едноставно: нестручниот кадар да се замени со стручен. Според квалификациите и можностите а на според бојата и симпатиите кон екипажот.
А старите екипажи? Тие нека бидат фрлени на морските кучиња.

Да се најдат од другата страна во ланците на исхрана.

Автор: Мартин Милев